Повеќе од 300 тренери од Македонија на дводневниот „Форум на тренери“

Фудбалската Федерација на Македонија одбележувајќи 15 години тренерска едукација, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје организираше Форум на Тренери.

Повеќе од 300 тренери од Македонија имаа можност да присуствуваат на форумот на кој свое излагање имаа директорот на центарот на едукација на ФФМ, професор Небојша Марковски и директорот за едукација на тренери на УЕФА Франк Лудолф.

Присутните ги поздрави претседателот на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски, техничкиот директор – Зоран Стратев и претседателот на тренерската организација на ФФМ – Ѓоре Јовановски.

Првиот ден од форумот беше затворен со излагањето на селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски кој зборуваше за Патот до Полска и неговиот тренерски пристап.

forum na treneri 2

Вториот ден од форумот го отвори членот на УЕФА комисијата за развој и технички директор на Хрватскиот фудбалски сојуз – Ромео Јозак со предавање за фудбалскиот развој на млади фудбалери.

„Една од клучните работи за развој на младите играчи е адекватноста во пристапот. Фокусирање во тренажниот процес на возраста и потенцијалот за развој на играчите. Кога станува збор за 12 годишни фудбалери фокусот не треба да биде на резултатите, туку на адекватниот пристап на развој. Хрватска има голем извоз на млади фудбалери. Тоа се должи на добриот баланс помеѓу талентот, напорната работа и нашиот менталитет и желба за победа. Менталитетот и талентот се нешто што е заедничко за регионот на балканот. На Македонија не ѝ недостасува талент, а во фудбалската Федерација се гледа и амбиција и капацитет за напорна работа. Тоа е она што е пресудно Македонија да се квалификува на првенството до 21 година во Полска, и сигурен сум дека во иднина ќе се радувате на уште многу слични успеси“ – изјави Јозак.

Форумот завршува со предавањето на Мика Плателаинен – член на УЕФА техничката комисија за анализа на ЕУРО 2016 кој акцентот го става на постигнувањето на голови на Европското Првенство во Франција.

Се вчитува...