Подготовките на машката сениорска репрезентација на Македонија продолжуваат со комплетирање на играчкиот ростер за завршниот дел од претквалификациите за Европското првенство 2029 година.
Селекторот Жозеп Мариа Берокал упати повик и до Нејт Сестина, кој ќе биде дел од тренажниот процес и ќе биде во конкуренција за настап на двата натпревари од јулскиот ФИБА „прозорец“ против Ирска и Луксембург.
Станува збор за кошаркар кој настапува на позицијата крило, а во изминатиот период беше дел од составот на новиот шампион на Италија, Олимпија Милано. Сестина поради повреда не беше во комбинација на претходните натпревари, но се очекува тој да се приклучи на репрезентативниот табор на следниот утрински тренинг во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
По денот предвиден за одмор и индивидуална рекуперација, подготовките на македонските репрезентативци продолжија со нови имиња во составот. Првиот тренинг како репрезентативец на Македонија го одработи ДиВејн Стјуарт Јуниор, а во работната група се приклучи и Андреј Јакимовски, кој ги пропушти воведните тренинзи и контролниот натпревар против Бугарија во Самоков.
Со приклучувањето на Јакимовски, Стјуарт и Сестина, практично се комплетира составот на кој ќе смета селекторот Берокал со својот стручен штаб во пресрет на клучните натпревари од претквалификациите.
Македонија на 2. јули во Скопје ќе ја пречека Ирска (18:00 часот, сала „Лазар Лечиќ“), додека три дена подоцна, на 5. јули, ќе гостува кај Луксембург.
Пред овие дуели, „црвено-жолтите“ ќе имаат уште една проверка на формата. На 25 јуни во Скопјe ќе гостува селекцијата на Бугарија, а натпреварот е закажан за 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
