МЗТ Скопје стигна до рутинска победа на заостанатиот натпревар со својот „братски клуб“ МЗТ Скопје 2, триумфирајќи во аеродромската пресметка со резултат 94-69. Избраниците на Дарко Радуловиќ експресно го оставија зад себе разочарувачкиот настап во завршниот турнир од АБА2-лигата, па по лесниот триумф над ТФТ денеска прокнижија нови бодови кои им се многу значајни во трката за што подобар пласман во пресрет на плејофот од домашниот шампионат.
Младите „штркчиња“ се обидоа да сторат нешто повеќе, но денеска и квалитетот и искуството беа на страна на поискусниот состав. МЗТ Скопје одигра импресивно во нападот во првите 10 минути, постигнувајќи дури 29 поени (29-17). Вториот тим на МЗТ беше подобар во втората четвртина (22-24), но тоа беше се што избраниците на тренерот Даскаловски успеаја да сторат, сениорскиот состав рутински ја зголеми предноста во преостанатите 20 минути се до конечните 25 поени позитива.
Гравет со 19 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, 12 постигна Бојан Крстевски, додека во таборот на МЗТ Скопје 2 двоцифрени беа Лука Тодоровски со 23 поени и Монтгомери со 10 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА