Повредата не е сериозна – Надал му се враќа на тенисот

Рафаел Надал е подготвен за експресно враќање на тенисот откако шпанскиот тенисер беше принуден да го откаже настапот на Мастерс-турнирот во Монте Карло.

Тоа откажување придонесе да се појават шпекулации дека Надал има нов сериозен здравствен проблем поради кој ќе мора подолго да отсуствува. Сепак, Надал денеска се јави со изјава најавувајќи дека ќе се обиде да настапи на следниот турнир што почнува наредната седмица во Барселона, или најдоцна за турнирот во Мадрид што ќе се одржи од 24 април до 5 мај во шпанската престолнина.

„Во последните месеци имав проблеми со стомакот. Состојбата од ден на ден ми е се подобра, се чувствувам посилно и тоа е забележливо и на тренинзите. Не можам сега да кажам и да гарантирам каде ќе играм, а каде не, но камбекот е многу блиску. Би сакал да се појавам во Барселона, но ако тоа не е возможно, тогаш моето враќање ќе биде на турнирот во Мадрид“, изјави Рафаел Надал за „Теледепорте“.

Се вчитува...