Повредата загрижува: Лина во трка со времето пред УС Опен

Лина Ѓорческа го оствари најголемиот успех во кариерата со пласманот на главниот турнир на Вимблдон, каде достојно го претстави македонскиот тенис.

Лина се надеваше дека може истиот успех да го потврди и на УС Опен, таа беше пријавена за квалификациите на американскиот гранслем, но плановите се сериозно загрозени по последната повреда што ја заработи најдобрата македонска тенисерка.

Имено, Ѓорческа го предаде вчерашниот дуел со Ковацкова од Чешка на турнирот во Лајпциг, без премногу детали околу сериозноста на повредата поради која не можеше да го доврши тој меч.

Повеќе информации се очекуваат во наредните денови, а клучно ќе биде дали Ѓорческа ќе може да се натпреварува следната седмица во Куршумлијска Бања, турнир за кој е веќе пријавена.

Доколку тоа биде случај, ќе значи дека повредата не е многу сериозна и овој турнир ќе биде загревање пред квалификациите за УС Опен, но доколку Лина биде принудена да се откаже, голема ќе биде неизвесноста дали таа воопшто ќе биде во можност да патува за Њујорк.

Останува да се надеваме дека проблемот не е сериозен и дека Ѓорческа повторно ќе ги стопли срцата на македонската јавност со добри игри на квалификациите за најголемите тениски турнири во светот.

Се вчитува...