Селекторот Милевски објасни зошто не повикува играчи од домашното првенство

На овој список на Благоја Милевски, има само еден играч од домашното првенство. Станува збор за Ристе Јанков кој што ќе биде трет голман во националниот тим за последните два квалификациски меча. Селекторот на националниот тим објасни зошто во последно време нема играчи од прволигашките екипи, а има од втората турска лига, во името на Валон Етеми од Истанбулспор.

На прашањето дали е ова знак дека играчите треба да направат трансфери во странство за да бидат повикувани, Милевски одговори:

„Искрено, квалитетот на Лигата и на самите натпревари во домашното првенство не е на потребно ниво. Реално квалитетот кои го бараат овие квалификациски натпревари, го нема во нашето првенство. Моментално е така. Јас посакувам нешто да се промени кон подобро. Згора на тоа рековме дека ќе нема промени многу во составот, односно дека ќе бидат повикувани оние кои го одиграа голем дел од циклусот. Не е морално да прават трансфери, но морално е да се подигне нивото на домашното првенство“, рече Милевски, кој додаде дека не треба да се потцени турската Втора лига, од каде доаѓа дебитантот Етеми.

„Не би ја потценил јас турската Втора лига. Има многу квалитетни играчи и екипи. Етеми е квалитетен играч кој ќе ни биде конкуренција за крилните позиции“, изјави предводникот на нашиот „А“ национален тим.

На прашање зошто не го повикува Егзон Бејтулаи, односно дали се откажал од него.

„Не се откажам од никого, особено не од потенцијален репрезентативец. Егзон е квалитетен играл, беше на Европското првенство за млади и за сениори. Но, во моментов според мене не е во најдобра форма, во онаа форма која треба да биде за да се најде во националниот тим“, рече селекторот.

Се вчитува...