Прашање без одговор: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

Се уште актуелен шампион менува шеф на стручен штаб, притоа легенда на својот клуб, именува нов тренер кој веќе го води тимот на натпревар – а за сето тоа ниту основна информација, ниту образложение. Степенот до кој е доведен најтрофејниот македонски клуб – ФК Вардар!? Клубот кој, пак, упорно за себе го присвојува епитетот македонска гордост, клуб од кој очекувате да биде двигател на вистинските спортски вредности, клуб кој верувате дека треба да биде пример за начин на функционирање на високопрофесионална институција…! Од сето тоа, овој Вардар – ништо!

Токму затоа во фудбалската јавност само ќе си лебди прашањето – Зошто е сменет Чеде Јаневски!? За кое сигурно, челниците во клубот заедно со се газдата Сергеј Самсоненко, никогаш нема да дадат добар одговор.  (Посебно и поради фактот дека сето тоа сакаат да го прикажат како оставка на Јаневски, за да избегнат исплата на договорни обврски…). Впрочем, како што изминативе години беше и за многу други прашања… Затоа што молкот најдобро ја храни суетата!

А, погледнувајќи ја комплетната ситуација во која сезонава е западнат Вардар, само поради одлуките на раководството на клубот, тогаш навистина се прашувате: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

1. Ако постојано актуелнава сезона од страна на самото раководство беше потенцирано дека нормално е да се очекува пад во формата и игрите на еден тим кој првпат во историјата обезбедува учество во Лига Европа. Ако самото раководство, па дури и самите фудбалери барајќи алиби, постојано си се бранеа дека Вардар на домашна сцена го плаќа данокот на учеството во ЛЕ, посебно на тим како Вардар со ограничен ростер… Тогаш: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

2. Ако пред само еден месец раководството на клубот тврдеше дека првенството е нерегуларно, објави војна против ФФМ, реализираше циркус кој комплетно го дефокусираше тимот од теренот, а притоа му повлече цел прв тим на Јаневски – доделувајќи му младинци за игра… Тогаш: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

3. Ако, по доаѓањето на клупата на Јаневски, од тимот заминуваа клучни фудбалери Спировски, Николов, Муслиу, Балотели…, раководството суспензии им додели на Велковски и Стојчевски, а сред сезона поради неисплатени плати (за да не пукне срам со тужба и до ФИФА и УЕФА) мораше да го ослободи најдобриот фудбалер Хуан Фелипе… А, притоа сите мораа да имаат трпение затоа што сега се нема средства за нови засилувања… Тогаш: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

4. Ако самиот капитен на Вардар, Бобан Грнчаров на прес-конференција тврдеше дека ако сака клубот да игра добро на повеќе фронта, и во Европа и дома, Самсоненко мора многу повеќе да вложува од ова актуелното…. Тогаш: Зошто е сменет Чеде Јаневски!?

На крајот од краиштата, и ништо од сето ова да не бара објаснување, па редно ли е клуб како Вардар да информира за смена на шеф на стручен штаб!!? А, далеку од тоа јавноста да дочека одговор дали има вистина во шпекулациите дека фудбалери во тимот сами менуваат тренери во клубот!? Клуб како Вардар би информирал за сето тоа – ама не и овој Вардар!

Да. Факт е дека вина за изгледот на „вардарци“ сезонава на терен сноси и самиот Чеде Јаневски, и покрај сите оние објективни олеснувања. Ама кога од раководството претходно си бараа алиби за сите свои неуспеси, правдајќи го секој неуспех на тимот на домашната сцена, зарем не остана малку од оправданието и за Јаневски!? Или, најден е виновникот за овој ваков Вардар, кој на осум кола пред крај на првенство е на -23 бода од лутиот ривал, во само една личност?

Факт е дека Јаневски добра вина за целокупната ситуација носи и со самиот молк за сите состојби во клубот тогаш кога мораше да покаже став: И кога му раздаваа фудбалери, и за суспензиите на поединци, и за одлуките да игра со младинци… Ама тоа е проблем на сите оние звучни македонски фудбалски имиња кои ниту своето име веќе не го користат за отворено да го кажат својот став. Овој Вардар сите оние легендарни вардарци кои се внатре во тимот ги научи само на молк – без став, без глас! Во името на парите! Ама тоа е некој друг проблем!

Се вчитува...