Правилата на Симеоне важат за Клоп, но не и за Анчелоти!?

Атлетико Мадрид синоќа оствари минимална победа над Реал Мадрид, тимот на Диего Симеоне имаше за што да игра во големото градско дерби, па на крајот конечниот резултат и не е големо изненадување ако се земат во предвид условите и тимот кој го избра Карло Анчелоти.

Искусниот италијански стручњак ротираше и им даде шанса на играчи кои се во втор план, а тоа максимално го искористи мотивираниот Атлетико кој води жестока битка да го осигура четвртото место на табелата, кое води пласман во Лигата на шампионите.

„Јорганџиите“ победија благодарение на голот од пенал кој го постигна Караско, но за новинарите необична и интересна беше сцената по крајот на мечот, бидејќи Симеоне се поздрави со Анчелоти. Чоло избегнува поздрави со колегите по крајот на натпреварите и веќе образложи зошто го прави тоа кога го игнорираше Јирген Клоп, но вчеравечер го прекрши тоа свое правило поради Дон Карло и објасни зошто е тоа така.

„Така е, се поздравив со Анчелоти, но тој не е единствен оваа сезона. Тоа го направив и со Бордалас од Валенсија и со Марселино од Атлетик Билбао. На крајот од краиштата, се зависи од натпреварот кој се одигра и колегата кој е на спротивната страна. Ако се сретнеме, може да дојде до поздрав, а Анчелоти е човек кој многу го почитувам. Карло е извонреден тренер, освои титули во сите пет најсилни лиги во светот со карактерот кој го отсликува. Анчелоти е тренер кој се однесува исто и кога победува и кога губи, тоа ми се допаѓа кај него“, изјави Чоло по победата од 1-0.

Се вчитува...