Серија А ги избра најдобрите фудбалери: Мењон, Брозовиќ, Имобиле…

Пред почетокот на возбудувањата во последното коло од сезоната, челниците на Серија А го објавија изборот на најдобрите играчи во секоја линија од теренот. Веќе се поделени пет МВП признанија, а останува уште главното, за најкорисен играч на сезоната кое веројатно ќе зависи од идниот шампион.

Мајк Мењон е избран за најдобар голман во лигата. Чуварот на мрежата на Милан блескаше, собра најмногу натпревари без примен гол (16) иако беше повреден и не бранеше цела сезона. Во одбраната за најдобар е избран Глеисон Бремер од Торино. Бразилецот одигра сезона од соништата, на многу натпревари беше најдобар играч на „биковите“ и покажа неверојатна класа.

Марсело Брозовиќ е прогласен за најкорисен играч на средината на теренот. Хрватот е еден од најстабилните и најконстантни играчи на Интер. За најдобар напаѓач е прогласен Чиро Имобиле, кој ќе ја заврши сезоната како играч со најмногу погодоци.

Останува да се одреди МВП на сезоната, а во потесен избор веројатно се вклучени Рафаел Леао од Милан, како и Лаутаро Мартинез и можеби Николо Барела од Интер.

Се вчитува...