Предлог: Старото правило до Супер-лига, но потоа да нема ограничувања?

На повидок е решение на кризата во мак-баскетот откако денешниот нов состанок меѓу клубовите и Здружението на кошаркари донесе и конкретен предлог. Истиот беше доставен од страна на клубовите, кои се подготвени да играат „по старите правила“, но само до стартот на Супер-лигата, кога ќе почне и жестоката битка за пласман за титулата.

Конкретно, бројот на странци ќе остане ограничен на четири, со тоа што во првиот дел од сезоната ќе остане старото правило – за задолжителен настап на тројца домашни кошаркари на терен. Тоа правило би престанало да важи за Супер-лигата и плејофот, кога тренерите ќе имаат слободаво исто време на теренот да ги уфрлат и четворицата странски играчи.

Овој предлог се смета за компромис, бидејќи домашните играчи би ја добиле минутажата што ја посакуваат до крајот на март, а клубовите би можеле да играат без никакви ограничувања кога ќе почне клучниот дел од сезоната. За предлогот да се официјализира неопходно ќе биде зелено светло да даде и Здружението на професионални кошаркари. Доколку тоа не се случи, на крајот ќе мора да пресече раководството на федерацијата, и тоа што поскоро, за клубовите да можат согласно новите (или старите) правила да ги планираат тимовите за наредната сезона.

Се вчитува...