Премиерот на Австралија се закани: Ѓоковиќ со првиот авион ќе биде вратен назад

Откако вчера беше потврдено дека Новак Ѓоковиќ ќе патува во Австралија, и покрај тоа што не е вакциниран, имаше многу реакции од поранешни и сегашни тенисери кои се имунизирани, а и од граѓаните на Австралија кои последниот период главно го минуваа во изолација.

Се закани и премиерот на Австралија, Скот Морисон кој порача дека австралиските власти ќе го вратат Ѓоковиќ назад, ако не достави јасен доказ поради кој не може да биде вакциниран.

„Од моја гледна точка, било кој да бара влез во Австралија, мора да биде во согласност со нашите барања. Ѓоковиќ кога ќе стигне во Австралија, ако не е вакциниран, ќе мора да покаже прифатлив доказ дека не смее да биде вакциниран од медицински причини, за да има исти патни аранжмани како целосно вакцинираните патници“, рече Морисон.

„Чекаме да се појави и да видиме какви докази ќе приложи. Ако тој доказ не е доволен, нема да биде третиран поинаку и ќе биде вратен со првиот авион назад дома. Не би требало да има посебни мерки за Ѓоковиќ, ниту за било кој“, вели Морисон.

Се вчитува...