„Претепан“ Металург во Прешов ја завршува европската турнеја

Ракометарите на Металург денеска (19.30 ч.) му гостуваат на Татран Прешов во последниот настап во Лигата на шампионите за оваа сезона. За македонскиот вицешампио ова ќе биде втор натпревар во европската мини-турнеја, по гостувањето во Нови Сад кај Војводина во рамките на СЕХА лигата.

Со само една минимална победа со Чеховски медведи, во девет одиграни натпревари во ЛШ, „металурзи“ се на дното на табелата  и денешниот натпревар ќе биде за чест, достојно да се заврши настапот во ЛШ.

Во дуелот со Војводина, бевме практично, претепани. Се надевам дека играчите ќе успеат барем малку да се регенерираат и да се одморат и ќе најдат сила и мотив да одиграат добро на последниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите“ – истакнува тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Металург игра за чест, а Татран Прешов за резултат бидејќи словачкиот првак е во подруга ситуација и се уште се надева на пласман во следната фаза во Лигата на шампионите. Со победа во денешниот дуел со Металург и победа на Спортинг против Силкеборг, Татран обезбедува  продолжен престој во елитното натпреварување. За словачкиот шампион тоа би било втор пат да ја помине групната фаза во ЛШ, по нивното прво учество во сезоната 2004/2005.

Тоа, секако, е дополнителен мотив за тренерот Славко Голужа и за неговите ракометари.

Дефинитивно, не очекува тежок натпревар. Во составот на Металург неодамна се приклучија тројца нови играчи и тимот не е лош. Но, ние треб да размислуваме за себе. Ако го одиграме она што го тренираме и што го знаеме, јас сум оптимист и верувам дека ќе славиме победа на крај. Подготвени сме за Металург и нашата цел е победа“ – најави тренерот Славко Голужа.

Металург сезонава еднаш успеа да го победи Татран Прешов во дуелот од СЕХА лигата, во Скопје (30-28) што е прва и сезонава единствена победа на „металурзи“ во регионалното натпреварување.

Се вчитува...