Претседателот на ЕХФ гостин во Скопје – Ова е еден од најдобро организираните настани во ракометот

Претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, е гостин на завршниот дел од Ф4 турнирот во регионалната СЕХА лига. Првиот човек на ЕХФ го истакна квалитетот на лигата и нивото на кое се организира завршниот турнир во ова натпреварување како нешто што е најблиску до Ф4 турнирот од ЛШ во Келн.

По втор пат доаѓам на Ф4 турнирот во СЕХА. Бев пред две години во Вараждин и сега овде во Скопје. Можам да потврдам дека ова е еден од најдобро организираните настани во ракометот. Ф4 турнирот од ЛШ во Келн е врвот во ракометот, но на нашиот спорт не му е доволен само еден таков турнир. Настојуваме да има повеќе такви настани, а Ф4 во СЕХА е токму тоа што ја зголемува вредноста на ракометот. Соработката со раководството на СЕХА е на високо ниво. Нас во ракометот ни требаат и вакви стабилни партнери каков што Гаспром“ – истакна претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер.

Како најдобра потврда за квалитетот на лигата, првиот човек на ЕХФ го издвои токму примерот со Вардар.

Вардар лани беше првак во СЕХА лигата и ја освои и титулата во Лигата на шампионите. Актуелниот шампион во ЛШ денеска ќе игра во новото финале на СЕХА против поранешниот шампион Загреб. Се надевам дека така ќе продолжи развојот на оваа лига и во иднина ќе имаме уште шампиони што ќе се натпреваруваат за титули и во СЕХА и во Лигата на шампионите“ – нагласи Видерер.

Гарнацијата дека СЕХА лигата ќе продолжи во иста насока и во иднина, со стабилна финансиска основа, стигна од претставникот на Гаспром, Александар Мешков.

Нашата лига е една од најдобрите во Европа, овде е елитата на европскиот ракомет. Ме прашаа, што е нашата цел, со кој резултат ќе бидеме задоволни. Најголемиот успех за нас би бил кога четирите учесници на Ф4 турнирот во СЕХА ќе бидат и на Ф4 турнирот во ЛШ. Така што, нашата цел не е да застанеме тука, туку да продолжиме напред. Сакам да потврдам дека Гаспром останува зад СЕХА лигата. А, како што велат кај нас, каде што е Гаспром, таму сонот станува реалност“ – истакна Александар Мешков.

Тој пред денешниот финален дел на годинашнопто издание на Ф4 турнирот во СЕХА кое по втор пат се одржува во Скопје, откри и еден инетересен детал:

Прв Ф4 турнир во СЕХА што го поддржа Гаспром беше тој во Скопје 2013 година. Сега повторно сме овде. Резултатите од нашата работа во изминативе пет години, може сите да ги видите“ – рече Мешков.

Се вчитува...