Прибак му пресуди на Металург во Истанбул

Ракометарите на Металург во рамките од осмото коло од Лигата на шампионите го претрпеа и седмиот пораз, на гостински терен против Бешикташ со 23-22. Македонскиот вицешампион има за што да жали со оглед на големата борба и неизвесниот меч до самиот крај, а победничкиот гол за Бешикташ го постигна нашиот репрезентативец Немања Прибак. „Металурзите“ имаа две шанси да стигнат до израмнување, но не ги искористија, по што поразот беше неизбежен.

Дуелот почна со израмнета игра на двете страни во првите десет минути. Металург при 4-4 промаши зицер од контанапад, по што Бешикташ набрзина се одлепи на „плус два“ (6-4). Бешикташ имаше и три гола предност, но Металург во вистински момент ја стегна одбраната, па по два контранапади на Маџовски и на Рибеиро македонскиот тим во 21. Минута израмни на 9-9. Голманот Томовски бранеше одлично во овој дел од натпреварот, а со прекрасниот гол на Шпенде од цепелин Металург на пет минути пред крајот на полувремето повторно дојде и до предност од 10-11. Рамазан Доне беше најрасположен за игра во таборот на турскиот првак, постигнувајќи шест гола уште во првото полувреме. На одмор се замина со израмнети 12-12, по голот што Токиќ го постигна пред последниот свиреж на сирената.

Домаќините на самиот старт од второто полувреме поведоа со два гола, но следеше експресен одговор на „металурзите“. Тренерот на Бешикташ побара тајмаут при негатива на својот тим од еден гол (16-17). Марио Танкоски ја презеде одговорноста во нападот на Металург постигнувајќи три гола во низа и одржувајќи ја минималната предност на македонскиот вицепрвак (19-20) на десет минути до крајот. Брестовац при израмнети 20-20 се реши за голманска промена давајќи му шанса на Даниловски, кој веднаш го одбрани првиот удар кон неговиот гол, запирајќи го зицерот на Ласица.

Сепак, проблемот на Металург беше во нападот, избраниците на Брестовац повеќе од шест минути беа без постигнат погодок, а најголема главоболка беа седмерците, откако Димитриоски на четири минути до крајот го промаши и петтиот пенал во серија на македонскиот клуб. Токиќ конечно го најде патот до мрежата на Бешикташ за израмнување на 21-21, но Немања Прибак беше играчот што го доведе Бешикташ во водство, со гол за 23-22 на две минути до крајот. Шпенде ја презеде одговорноста, но домашниот голман со помош на гредата го запре неговиот удар. Среќата беше наклонета и на спротивната страна откако домаќините исто така биеја во дирекот, па Металург доби последна шанса за израмнување. Брестовац зеде тајмаут, но советите на вродија со плод, „металурзите“ се сплеткаа при последниот, губејќи ја топката за нов пораз во елитното европско натпреварување.

Голманот Хемдани беше најзаслужен за победата на Бешикташ, а интересно е што голот за победа беше единствениот што Прибак го постигна на овој натпревар. Кај Металург најефикасни беа Токиќ и Таанкоски со по пет погодоци.

Се вчитува...