Приказна од која ќе се наежите: Кулибали открива како стигна до Серија А

За некого авантура, за други пак пеколен пат, како и да е, приказната на 18-годишниот Мамаду Кулибали за тоа како стигнал да игра за тимот на Пескара е за неверување. Спиење на пристаништа, просење за корка леб, но ништо не го спречило да си го оствари сонот. И покрај тешкотиите, Кулибали успеа да се вметне во тим од Серија А.

„Кога бев мал единствен начин да научам да играм фудбал беше гледајќи ги најдобрите фудбалери на телевизија, и понекогаш играјќи на училиште. Сон ми беше да заиграм професионално, па еден ден заминав од дома. Моите родители мислеа дека одам на часови, но јас заминав од дома со еден ранец за да си ја бркам среќата. Го исклучив телефонот и не се јавував неколку месеци. Од дома беа убедени дека сум починал. Мајка ми и татко ми ме убедуваа да студирам. Дури и ми збореа дека ќе ме пуштат да играм некаде во Европа само за да ме заќутат. Но, јас го ризикував животот за нив, за да имаме подобра иднина.“

„Со автобус стигнав до Мароко, преку многу опасни патишта. Не знаев точно во кој град сум, спиев на пристаниште бидејќи немав пари да купам карта. Потоа еден човек ме праша зошто спијам тука, а јас му одговорив дека сакам да одам за Европа, но немам пари. Човекот по некој ден дојде и ми кажа дека патува за Франција и дека може да ме земе со бродот, во кој пренесуваше храна. На бродот имаше и други деца, не знам за што мечтаеја, но сигурно имаа слична судбина како мојата. Се плашев да не се преврти бродот, бидејќи не знам да пливам.“

„Кога стигнав во Италија спиев на улица, имав среќа доколку добиев некој сендвич. Бев во Рим, но ми кажаа дека има многу Сенегалци во Пескара, па до таму стигнав со воз без да платам карта. Бев на проби во Чезена, Рома, Сасуоло и Асколи, но ниту еден тим не ме сакаше.“

Сепак успеа во Пескара, заигра во Серија А, а во неделата одигра 90 минути против неговиот омилен клуб, Милан.

„Можеби еден ден ќе играм на тоа ниво, тоа го научив од овој дуел. Кога е во прашање фудбалот, тоа ми доаѓа природно, едноставно знам што треба да направам. Милан е тимот за кој навивам, покрај Манчестер јунајтед и репрезентацијата на Франција.“

„Со семејството се немам видено две години. Многу ми недостасува мајка ми, знам дека многу плачела кога заминав, дури и помислила дека сум мртов. Сега чувствувам дека сум имал многу среќа.“ – ја заврши потресната приказна младиот Кулибали.

Се вчитува...