Прилеп, сепак, продолжува во Супер лигата: Општината застанува зад клубот

РК Прилеп, сепак, ќе го продолжи своето натпреварување во Супер лигата на Македонија откако денеска општина Прилеп информираше дека ќе застане финансиски зад ракометниот колектив.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски и претседателот на РК Прилеп, Александар Мариноски денеска одржаа заедничка средба по која е одлучено градот комплетно да го поддржи клубот и неговото продолжување на ракометната Супер лига.

„Општина Прилеп ќе застане зад клубот за да ги надмине финансиските проблеми со кои се соочува. Како градоначалник секогаш останувам со поддршка за спортот, па затоа и сега ќе биде помошта за ракометниот клуб“ – изјави Јованоски по средбата со раководството на РК Прилеп.

Од клубот, пак, истакнаа дека е договорено градот финансиски да ги поддржи нивните активности до крајот на сезоната, со надеж дека соодветен буџет од општината ќе биде издвоен и за следната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...