Поранешниот сопственик на Формула 1, Берни Еклстон, повторно се најде во центарот на вниманието во јавноста поради проблемите со законот. Екслтон кој има 95 години, според британските и португалските медиуми, бил приведен на аеродром во Португалија.
Таблоидот „Сан“ пишува дека Еклстон бил уапсен на аеродром во близина на Лисабон откако кај него била пронајдена пушка. Според португалските медиуми, полицијата го открила оружјето кај Англичанецот за време на рутинска проверка.
Еклстон, кој ја водеше Формула 1 речиси четири децении, изјави дека го носел оружјето во Португалија за гаѓање со глинени гулаби.
„Имав пушка што ја донесов од Швајцарија во Португалија за гаѓање со глинени гулаби. Тоа е сè. Имам оружје тука дома кое е правилно регистрирано“, изјави Еклстон за Дејли Меил.
Засега нема официјална изјава од португалската полиција за целиот случај.
Ова не е првпат Еклстон да се најде во слична ситуација. Пред четири години, за време на престојот во Бразил, тој имал проблем со полицијата кога во неговиот багаж била пронајдена пушка пред летот од Сао Паоло до Швајцарија.
Тој тогаш тврдел дека не знаел дека пушката е меѓу неговите работи. По притворањето, му било дозволено да се брани од слобода со кауција. Тој тогаш негираше дека бил уапсен, но веста за притворањето ја објави бразилската полиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
