„Приземјување“ за Хјустон и за Милвоки

Џејмс Харден одигра извонреден натпревар за Хјустон постигнувајќи 57 поени на гостувањето во Мемфис, но и тоа се покажа недоволно за „ракетите“ да слават на дуелот со „гризлите“. Мечот беше решен по продолжение од пет минути во кое домаќините славеа со 126-125, за една од своите најзначајни победи во оваа потпросечна сезона за Мемфис. За Харден ова беше седми натпревар со најмалку 50 постигнати поени сеззонава, но херои на Мемфис во синоќешната победа беа Конли со 35 и Валанчиунас со 33 поени, најефикасен меч во НБА-кариерата на литванскиот центар.

Милвоки не успеа да се снајде без помошта на Адетокумбо и претрпе пораз од Кливленд со 107-102. Грчкиот ас не настапи поради повреда на скочниот зглоб, Милвоки не можеше да смета ниту на повредениот Миротиќ, а кошаркарите на Кливленд знаеја како да го искористат тоа и предводени од Колин Секстон (25 поени) стигнаа до голем триумф.

Многу интересно беше во Филаделфија, каде домашните кошаркари се вратија од негатива од 15 поени и го совладаа Бостон со 118-115. Ембид беше незапирлив под обрачите реализирајќи 37 поени и 22 скокови, додека Ирвинг со 36 поени беше прв стрелец на Бостон.

Мајами по продолжение славеше на гостувањето против Сан Антонио со 105-110, прекинувајќи ја серијата од девет победи на Спарс, а дополнителни пет минути се играа и во Оклахома сити, каде ниту 42-та поени на Вестбрук не помогнаа домашниот тим да слави над Торонто.

 

Резултати НБА:

Кливленд – Милвоки 107-102, Орландо – Њу Орлеанс 119-96, Филаделфија – Бостон 118-115, Њујорк – Јута 116-137, Чикаго – Вашингтон 126-120 (по прод.), Мемфис – Хјустон 126-125 (по прод.), Сан Антонио – Мајами 105-110, Оклахома сити – Торонто 114-123 (по прод.), Портланд – Далас 126-118.

Се вчитува...