Проблем и за МЗТ Скопје: Синовец не игра на Купот на Македонија

По отсуството на Владо Илиевски од тимот на Работнички за завршниот турнир од Купот на Македонија, со проблем се соочува и екипата на МЗТ Скопје. Бранителот на трофејот во Кавадарци ќе отпатува без Стефан Синовец, откако српскиот бек заработи незгодна повреда поради која ќе мора да отсуствува извесно време од терените. Синовец во „цивилка“ го следеше последниот натпревар од АБА-лигата против Крка, повредата не е толку наивна за тој да може експресно да се врати на терените, па јасно е дека овој кошаркар нема да биде дел од составот на македонскиот шампион на фајналејт турнирот што од петок до недела ќе се одржи во Кавадарци.

Тренерот Назор се наоѓа пред предизвик, да ја распредели минутажата на сите кошаркари бидејќи во рок од три дена „металците“ доколку стигнат до финалето ќе играат три натпревари, а згора на тоа веќе во вторник би го играле и четвртиот меч во период од пет дена, на гостински терен против ФМП, дуел кој е многу значаен за битката за опстанок во АБА.

Само за потсетување, МЗТ Скопје утре во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе се сретне со Кожув, а во случај на победа во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот Фени индустри – Охрид.

Се вчитува...