Проблеми за Тите, кај Бразилците на повреди се жалат – речиси сите!

Фудбалската репрезентација на Бразил се подготвува за настап на Светското првенство во Русија, но селекторот Тите се соочува со големи проблеми поради повредите на дел од фудбалерите. Нејмар се уште не е доволно фит и работи под посебен тренажен процес, а не го одработи до крајот вчерашниот тренинг. Не е јасно дали ќе успее да влезе во полн ритам до почетокот на мундијалот. Но, тоа не е се.

Даглас Коста се жали на повреда на бутниот мускул и ги пропушти последните два тренинзи и речиси сигурно нема да настапи на утрешниот пријателски натпревар против Хрватска.

Малку подобра е состојбата со играчот за врска Ренато Аугусто, но најверојатно Тите и со него нема да ризикува, а и Фернандињо се уште не е доволно подготвен за максимални напори. Бразилските медиуми најавуваат дека Габриел Хесус има проблеми со физичката подготвеност, па јасно е дека „кариоките“ ќе имаат полни раце работа да се подготват до стартот на мундијалот.

„Имаме проблеми со повредите, тоа е очигледно, но имаме одлични лекари и се надеваме дека ќе ги подготват фудбалерите за натпреварите на Светското првенство. Можеби нема да можеме да се воиграме најдобро на овие пријателски мечеви, но, сепак, нашиот национален тим добро се познава меѓусебе и верувам дека ќе делува добро на теренот кога тоа ќе биде потребно“, изјави селекторот Тите.

Се вчитува...