Проблеми за Трајковски: Тренерот на Мајорка му порача да си бара нов клуб

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски ќе мора да си бара нов клуб доколку сака да има минутажа низ престојната сезона.

Мајорка денеска во 2. коло од Ла Лига славеше со 0-1 на гостувањето против Алавеш, со голот на Нињо во 80. минута. Трајковски воопшто не беше во комбинација за настап на натпреварот.

Тренерот на Мајорка, Луис Гарсија во изјава за шпанските медиуми порача дека за Трајковски е најдобро да си побара нов клуб затоа што воопшто не е во неговите комбинации за настап.

„Трајковски е моја последна опција за нападот. Знам дека тоа нема да го направи среќен. А еден фудбалер мора да биде среќен и задоволен во клубот каде настапува. Затоа најдобро е за него да си најде нова средина каде што ќе може да игра и да напредува“ – вели Гарсија.

До крајот на преодниот рок во Европа остануваат уште околу десеттина дена низ кои Трајковски ќе треба да бара нов клуб. Александар Трајковски се очекува да добие повик и од селекторот Боби Милевски за престојниот квалификациски циклус, но надвор од натпреварувачки ритам прашање е колку реално ќе може да помогне на националниот тим.

Се вчитува...