Проклетството продолжи: Пеп Гвардиола – единаесет години мизерија во Лигата на Шампионите

Пеп Гвардиола на хартија важи за еден од најдобрите тренери на денешницата, но каталонскиот стручњак се мачи да го докаже тоа во најтешкото натпреварување во светот – Лигата на Шампионите. Синоќешното фијаско на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид беше продолжување на мизеријата на трофејниот стручњак, кој цели единаесет години не знае за пехар во елитното европско натпреварување, откако двапати го крена како предводник на Барса во 2009 и во 2011 година.

Пеп беше најблиску до разбивање на проклетството минатиот мај, кога стигна до финалето, но таму загуби од Челси со минимални 1-0. Ова воедно беше и првото загубено финале во Лигата на Шампионите на Гвардиола, по победите со Барса над Манчестер Јунајтед во 2009 и во 2011. Полуфиналето повторно се покажа клучен проблем за Гвардиола, кој шести пат беше елиминиран во оваа фаза од ЛШ, неславен рекорд што го дели со Жозе Мурињо.

Гвардиола по една година пауза во  2013 година го презеде кормилото на Баерн Минхен, наследувајќи го тимот што ја освои тројната круна под водство на Јуп Хејнкес. Од Пеп се очекуваше најмалку една европска круна, но во трите години во Баерн тој ниту еднаш не стигна до финалето. Или поточно речено, три пати беше елиминиран во полуфиналето, и тоа од шпански екипи, во 2014 од Реал Мадрид, во 2015 од Барселона и во 2016 година од Атлетико Мадрид.

По истекот на договорот со Баерн тој се пресели на клупата на Манчестер Сити, а во првата сезона беше елиминиран во осминафиналето од Монако, предводен од Килијан Мбапе. Во 2018 година на патот на Сити застана Ливерпул, со победи од 3-0 на „Енфилд“ и од 1-2 на „Етихад“. Во 2019 година тој стигна до четвртфиналето, но таму беше елиминиран од Тотенхем, во драматична завршница што ја реши Фернандо Љоренте.

Во сезоната 2019/2020 нокаут фазата се играше турнирски во Лисабон, каде Пеп беше шокиран од француски Лион, губејќи со 1-3. Минатата сезона тој беше најблиску до пехарот, но му пресуди Каи Хаверц, кој го постигна голот за трофеј на Челси, а сезонава Гвардиола повторно се „лизна“ во полуфиналето.

Бројките велат дека Гвардиола во шесте години како тренер на Манчестер Сити потроши над една милијарда евра на нови засилувања. И сепак не успеа да го донесе толку посакуваниот трофеј во „синиот дел од Манчестер“.

Се вчитува...