Пролет доби уште една скопска пресметка

Ракометарите на Пролет продолжија со одлични настап од стартот на сезоната, откако попладнево славеа на гостувањето против Голден Арт, совладувајќи го градскиот ривал со 23-25 за своја четврта победа во петтиот овосезонски натпревар. Пролет имаше контрола над резултатот  во текот на целиот натпревар, домаќините покажаа карактер и се бореа буквално до самиот крај, но бодовите на крајот отидоа кај тимот предводен од тренерот Лембанов.

Пролет беше подобарпротивник од самиот почеток на мечот, а првото поубедливо водство го изгради поведувајќи со 4-8, принудувајќи го домашниот тренер на тајмаут. Добрата одбрана овозможи лесни голови од контранапад со кои предноста скокна на 5-11, нешто подоцна и 6-12, но Голден Арт успеа да се стабилизира пред крајот на полувремето и да ја преполови негативата, на одмор заминувајќи со 9-12.

Домаќините со цврста одбрана и лесни голови од контранапад успеаја да израмнат на 14-14 во вториот дел, но Палевски со два гола од крило за краток период ја врати предноста на гостинскиот состав (14-17). Голден Арт пак дојде на „минус еден“, но Василевски беше играчот што презеде одговорност и постигна три погодоци во клучните моменти. Домаќините искористија неколку почетнички грешки на Пролет и се приближија на 23-24 на триесет секунди до крајот, но Палевски на асистенција на Мајнов стави точка на победата на Пролет, изразена со конечни 23-25.

Василевски со осум гола беше најдобар поединец на натпреварот, Палевски постигна шест, додека Гоцевски со шест погодоци беше најефикасен во таборот на Голден Арт.

Се вчитува...