Пролет добро се бореше, но Металург оди на Ф4 во Купот на Македонија

Металург е вториот учесник на завршниот турнир од Купот на Македонија (по Еурофарм Работник) откако актуелниот вицешампион на Македонија излезе како победник на четвртфиналната група чиј домаќин беше во изминатите два дена. Во денешното четвртфинале „металурзите“ се сретнаа со градскиот ривал Пролет, кој им создаде многу проблеми, но на крајот сепак успеаја да најдат начин да стигнат до победата изразена со конечни 31-29.

Почетокот најави лесна задача за домаќинот, откако Металург набрзина поведе со 4-0 и 5-1. По дваесетина минути игра „металурзите“ имаа и пет гола предност, но Пролет се врати и на одмор се замина со само еден гол разлика (16-15). Во второто полувреме слична слика, „металурзите“ го контролираа резултатот, но гостинскиот состав јасно стави до знаење дека нема да се предаде до самиот крај. Пролет се приближи на 28-27, но Металург се разбуди во последните минути и не дозволи победата да му биде доведена во прашање, тримфирајќи со конечни 31-29.

Токиќ постигна осум гола, а Шпенде и Јагуриновски по пет погодоци за Металург, додека најефикасни во таборот на Пролет беа Андоновски и Џонов со по шест постигнати гола.

Се вчитува...