Пролет и Бутел со поддршка за одлуката на РФМ

Скопските суперлигаши Тинекс Пролет и Бутел јано ја поддржаа одлуката на Ракометната Федерација на Македонија за намалување на бројот на суперлигаши на 12, но и вклучување на Вардар и на Еурофарм Пелистер од самиот почеток на наредната натпреварувачка сезона.

Двата клуба сметаат дека оваа одлука е апсолутно оправдана, се со цел да се крене нивото на македонскиот лигашки ракомет.

„Ракометниот клуб Тинекс Пролет ја поздравува и апсолутно ја поддржува последната одлука на Ракометната Федерација на Македонија, според која бројот на учесници во Супер-лигата за наредната сезона се намалува на 12 екипи. Со оваа одлука, од самиот почет на наредната сезона дел од елитното македонско ракометно друштво ќе бидат и СЕХА-лигашите Вардар и Еурофарм Пелистер, со што ќе се крене квалитетот на Супер-лигата. Планираното намалување на Супер-лигата од 12 на 10 екипи за сезоната 2022/23 е исто така испратен потег за поголема концентрација на квалитетот на домашната ракометна сцена. Воедно, Тинекс Пролет како клуб што секогаш за приоритет го имал развојот и давањето шанса на македонски ракометари ја поздравува одлуката за намалување на бројот на странци, на шест од почетокот на сезоната 2022/2023, уште една мерка со која се гарантира развојот на македонскиот ракомет“, објави РК Пролет на официјалната веб-страница.

Слична е реакцијата и на раководството на РК Бутел, клуб што во последните две години го претставуваше мак-ракометот во европските купови.

„Ракометниот клуб Бутел Скопје ги поддржува сите одлуки донесени на денешната седница на Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија во однос на системот на натпреварување во Суперлигата за следните две сезони.

⚫️За сезоната 2021/22 во елитното друштво ќе играат 12 екипи, додека во сезоната 2022/23 само 10 екипи, вклучувајќи ги и екипите што настапуваат и во СЕХА лигата.
⚫️За сезоната 2021/22 во Суперлигата ќе може да настапуваат осум странци исто како што е и оваа сезона, додека од сезоната 2022/23, клубовите ќе може да ангажираат само шест странски ракометари во својот состав.
⚫️Сите суперлигаши од сезоната 2022/23, ќе мора задолжително да пријават пионерска екипа, како и кадетска или младинска екипа во системот на натпреварување.
Со овие одлуки уште повеќе ќе се крене нивото на македонскиот суперлигашки ракомет, како и на македонските ракометари, што е цел на сите што работат во него“, порачаа од РК Бутел преку официјалната ФБ-страница на клубот.

Се вчитува...