Пролет и со „деца“ го декласираше Борец Велес во Купот на Македонија

Пролет успеа да ја мине првата пречка во ракометниот Куп на Македонија откако скопскиот суперлигаш лесно и преубедливо го совлада Борец Велес со резултат 49-11. Велешани требаше да бидат домаќини на натпреварот, тој сепак се одигра во салата на Пролет во Скопје, каде тренерот Јовиќ ги одмори сите поискусни играчи, но скопјани и со „деца“ стигнаа до преубедлива победа. Борец допатува со само десет играчи, клубот цела сезона се мачи со огромни проблеми и денешниот убедлив пораз од подмладокот на Пролет е само уште еден загрижувачки знак, дека е допрено дното во велешкиот ракомет, а поранешниот првак на Македонија едвај наоѓа начин да функционира.

По пет минути ига резултатот беше 3-0, а домашните ракометари продолжија со доминацијата поведувајќи со 9-2 во 12. минута. Како што одминуваше времето играчите на Борец немаа сила за одигрување на конкретни акции во нападот, следеа серија промашувања што Пролет ги претвораше во лесни голови од контри и полуконтри. На одмор се замина со „плус 20“ за скопскиот клуб (24-4), позитива што дополнително се зголеми во вториот период, до конечните 49-11.

Георгиј Спасовски беше најефикасен во победничкиот тим со 11 гола, еден помалку постигна Давид Младеновски, додека Дамјан Димитриевски го заврши мечот со осум погодоци. Душан Крстевски со пет гола беше прв стрелец на Борец Велес.

Се вчитува...