Пролет си ги чува адутите – Андоновски и Кимевски со нови договори

Екипата на Пролет без поголеми проблеми го обезбеди опстанокот во елитното ракометно друштво преку плејаут натпреварувањето, па раководството на овој клуб со поголеми амбиции се врти кон претстојниот период и планирањето на тимот за следната сезона.

Прв и многу значаен чекор сигурно е задржувањето на двајцата клучни ракометари, голманот Стефан Кимевски и бекот Ласко Андоновски, кои денеска потпишаа нови двогодишни договори со Пролет. За услугите на Кимевски и на Андоновски во изминатиот период се интересираа неколку клубови од Супер-лигата, но Пролет успеа да ги убеди да го продолжат својот престој во оваа екипа.

Продолжуваме по нашите зацртани цели, ги обновивме договорите со двајцата наши потенцијални репрезентативци на уште две години. Амбициите за следната сезона се влез во плејофот и бркање на место во Европа, за таа цел ќе настојуваме да се засилиме со најмалку 2-3 квалитетни ракометари во следниот период“ – изјави Сашо Огњеновски од раководството на Пролет.

Задоволство од новиот двогодишен договор со својот клуб искажа и Ласко Андоновски, кој се наоѓаше на поширокиот список на македонската репрезентација.

Ја продолжувам приказната наречена Пролет, тим каде се чувствувам најубаво и најсигурно. Се надевам дека со заеднички сили, заедно со управата и спонзорот ќе оствариме подобри резултати и ќе обезбедиме излез во Европа“ – истакна Андоновски.

Се вчитува...