Промена во системот: Ракометната Супер-лига ќе биде со 12 екипи, потоа пак ќе има плејоф и плејаут

Натпреварувачката сезона 2024/25 ќе донесе и промени во системот на натпреварување во ракометниот шампионат на Македонија, откако денеска беа официјализирани најавуваните корекции околу намалувањето на лигата.

Предлогот за подрастично намалување беше одбиен на последното Собрание на РФМ, по што беше одлучено до крајот на календарската година да се излезе со конечно решение. Денеска истото беше обелоденето – па така Супер-лигата од следната сезона наместо 14 ќе брои 12 клубови. Загарантирано место во 2024/25 ќе има за осумте учесници во плејофот за оваа сезона (Алкалоид, Тиквеш, Пролет, Вардар, Е. Пелистер, Струга, Охрид и Бутел), како и за најдобрите две екипи кои ќе играат во плејаут натпреварувањето сезонава. Во елитата ќе има место за шампионот на Првата лига за сезоната 2023/24, а последното место ќе биде решено со еден бараж меч меѓу третопласираниот тим од плејаутот од Супер-лигата, против второпласираната екипа од Првата лига.

Бодувањето ќе биде со два бода за секоја победа наместо досегашните три, а со новиот систем сите екипи ќе играат против себе, дома и гости, за вкупно 22 рунди.

Потоа, првите шест екипи на табелата ќе разигруваат во плејофот за титула, а останатите шест ќе играат плејаут за опстанок. Според пропозициите, ќе бидат пренесувани и бодови во плејоф и плејаут фазите, и тоа:

  • 1-от пренесува 3 бода
  • 2-от пренесува 2 бода
  • 3-от пренесува 2 бод
  • 4-от пренесува 1 бод
  • 5-от пренесува 1 бод
  • 6-от пренесува 0 бодови
  • 7-от пренесува 3 бода
  • 8-от пренесува 2 бода
  • 9-от пренесува 2 бод
  • 10-от пренесува 1 бод
  • 11-от пренесува 1 бод
  • 12-от пренесува 0 бодови

Најдобрите десет екипи обезбедуваат суперлигашки статус и за наредната сезона, последниот директно испаѓа од елитното друштво и ќе биде заменет со шампионот на Првата лига, додека претпоследната екипа од Супер-лигата ќе игра бараж со вицепрвакот од Првата лига за пополнување на последното место во елитното друштво.

Се вчитува...