Промена во ЖРК Вардар – Сопругата на Дибиров нов тренер

Поранешната руска репрезентативка, Ирина Полторатскаја Дибирова, сопруга на ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров, е нов тренер на женската екипа на Вардар и ќе го предводи македонскиот шампион во завршницата од Лигата на шампионите. Таа од денеска и официјално ја презема екипата заедно со Аце Станковски кој останува помошник на клупата. Досегашниот тренер, Давид Дејвис, на негово барање, се враќа во првиот машки тим на Вардар и ќе продолжи да работи со Раул Гонзалес, информираа од Вардар на официјалниот клупски сајт.

Смената на клупата на ЖРК Вардар доаѓа по катастрофалниот пораз на вардарки од Мец во претпоследниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите.

Прв предизвик за Дибирова на клупата на вардарки ќе биде саботниот меч од ЛШ против Турингер. Вардарки се моментно на второто место во групата и веќе имаат обезбеден пласман во четвртфиналето во ЛШ.

За Ирина Дибирова воедно ова ќе биде и тренерско деби. Во својата богата играчка кариера Русинката има настапувано за руските екипи Источник (Ростов), Лада Толјати, Звезда Звенигород и за данскиот Слагелсе. Со Слагелсе и со Лада Толјати има освоено две шампионски титули во ЛШ во 2005 и во 2008 година. Со руската репрезентација има три светски шампионски титули, сребро од ОИ 2008 и ЕП 2006 и бронзен медал на ЕП 2008. По завршувањето на играчката кариера не беше директно вклучена во ракометот, а ова ќе и биде прво тренерско искуство.

Се вчитува...