Пропадна размената Саул Нигез – Гризман

Антоан Гризман нема да се врати назад во Атлетико Мадрид откако Барселона ги прекина преговорите со актуелниот шпански првак околу неговата размена за Саул Нигез. Десетина дена траеја интензивните преговори меѓу двата шпански клуба, за момент се чинеше дека двете страни се многу блиску до договор, за во последен момент секој да тргне на своја страна.

Гризман ја одбил понудата на Атлетико бидејќи од него се барало да се согласи на намалување на платата што ја земал во Барселона, опција што била неприфатлива за францускиот голгетер. На истото барање негативно одговорил и Саул Нигез, кој тврдел дека во Барса има фудбалери кои се далеку поплатени од она што тој моментно го заработува во Атлетико и воопшто не размислува за намалување на своите примања.

Згора на тоа, Барселона инсистирала на отштета поради разликата во вредноста на двајцата фудбалери, барајќи 30 милиони евра за Гризман да се врати во Атлетико. Мадридскиот претседател Черезо го отфрлил ова барање, по што двете страни ги прекинале преговорите.

За Нигез сега најзагреани се англиските гиганти Ливерпул и Манчестер Јунајтед, додека како опции за Гризман се споменуваат ПСЖ и Манчестер Сити.

Се вчитува...