Просинечки на клупата на Валенсија?

Легендата на хрватскиот фудбал и поранешен фудбалер на Реал Мадрид, Барселона и Црвена Звезда, Роберт Просинечки, според шпанските медиуми, е меѓу главните кандидати за превземање на кормилото на Валенсија. Поранешниот тренер на Црвена Звезда и на Кајсери, во моментот е селектор на репрезентацијата на Азербејџан, а договорот му истекува во декември оваа година.

Познато е дека раководството на Валенсија веќе остварило контакти со хрватскиот стратег и му ги објасниле идеите за во иднина. Шпанскиот тим сезонава игра далеку под очекувањата, а Валенсија на Просинечки му нуди да се нафати на овој нов проект, како тренер кој ќе остане долго време, за да може да наметне филозофија која ќе биде препознатлива за тимот.

Просинечки има голема историја во шпанскиот фудбал. По освојувањето на Лигата на шампиони со Црвена Звезда во 1991 година, заигра за неколку шпански екипи. Прво го носеше дресот на Реал Мадрид три сезони, а по една сезона играше во Барселона, Овиедо и во Севилја.

Се вчитува...