Фудбалерите на Вардар вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје во 2. квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА, против летонска Рига имаат дополнителна мотивација за славје. Роденденот на најтрофејниот македонски клуб.
„Седумдесет и девет години историја. Седумдесет и девет години борба, страст, незаборавни победи, тешки моменти и љубов што никогаш не згаснува“ – порачуваат од ФК Вардар пред денешната пресметка со Летонци, на денот кога е основан клубот кој долги години ја обединувал Македонија.
На денешен ден, во 1947 година, започна да се пишува приказната за најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Од своите почетоци, Вардар прерасна во многу повеќе од фудбалски колектив – стана симбол на Скопје, гордост на Македонија и клуб што ги обединува генерациите.
Најзначајните моменти во историјата:
🏆 1961 година – Освојување на Купот на Југославија, подвиг што засекогаш го впиша Вардар меѓу најголемите клубови од поранешната држава.
🏆 1987 година – Освојување на шампионската титула во Првата сојузна лига на Југославија, еден од најголемите успеси во клупската историја.
🏆 Домашна доминација – Најтрофејниот македонски клуб со најмногу шампионски титули и трофеи во Купот на Македонија.
🏆 2017 година – Историски пласман во групната фаза на УЕФА Лига Европа, како прв македонски клуб што избори европска есен.

„Но, најголемата сила на Вардар никогаш не се мерела само со освоените трофеи. Таа отсекогаш била во луѓето – во играчите кои со гордост го носеа црвено-црниот дрес, во легендите кои испишаа славни страници, во сите што работеа за клубот и, пред сè, во верните навивачи кои останаа покрај Вардар и во победите и во најтешките моменти“ – велат во својата објава од ФК Вардар по повод денешниот роденден на клубот и дополнуваат:
„Вардар преживеа бројни предизвици, падови и нови почетоци, но едно никогаш не се промени – црвено-црната љубов. Таа се пренесува од генерација на генерација и продолжува да живее во секој што го носи Вардар во своето срце. Денес со гордост се навраќаме на богатото минато, а со уште поголема вера гледаме кон иднината. Нови предизвици, нови победи и нови страници од историјата допрва ќе бидат испишани“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
