Прв пораз во ЛШ – вардарки паднаа во Мец

По девет победи во серија, ракометарките на Вардар го претрпеа првиот пораз во Лигата на шампионите сезонава. Поупсешни од вардарки беа ракометарките на француски Мец со 24-22. Арената во Мец втора година по ред се покажа фатална за „црвено-црните“, лани овде го претрпеа катастрофалниот пораз (42-28), а годинава во Мец заврши фантастичната серија на Вардар од девет победи по ред. Мец со извонредната Марина Рајчиќ на голот успеа да им застана на патот и да му го нанесе првиот пораз на досега непоразениот Вардар.

Вардарки ефикасно го отворија натпреварот и уште на стартот имаа водтсво од 4-1. Но, ракометарките на Мец брзо се консолидираа, успеаја да ја анулираат негативата и во 10.минута вече го имаа и првиот напад за изедначување. На вистинското место во вистински момент беше токму Французинката на голот на Вардар, Амандин Лејно и го сопре налетот на домашниот состав. Но, и Марина Рајчиќ на другата страна возврати со  неколку успешни одбрани и  му овозможи на Мец во 13.минута да изедначи на 6-6.

Нападот на македонскиот шампион во овој дел од мечот загуби малку го загуби стартниот ритам и ефикаснот, што противникот го држеше во егал на средината од полувремето. Ирина Дибирова се обиде со неколку ротации да внесе свежина и да го смени ритамот на „црвено-црните“, со Татјана Хмиртова на местото на Андреа Лекиќ на плејмејкерската позиција и со Сара Ристовска наместо  Јованка Радичевиќ на десно крило. Но, тоа не го донесе посакуваниот резултат, а Мец успешно ја казнуваше секоја грешка на Вардар и на осум минути пред крај резултатот повторно беше изедначен (9-9).  Мец ја искористи предноста со играч повеќе на терен и Ана Грос беше порецизна за првото водство на домаќините со 10-9 во 24.минута од натпреварот. Вардарки осум минути беа без погодок и конечно, неефикасната серија ја прекина Александра Лакарбер погодувајќи за ново изедначување. Но, Вардар и во продолжението тешко се справуваше со сигурната одбрана на Мец и со неверојатната Рајчиќ на голот. Последниот напад на вардарки на предност на полувремето заврши со удар на Радичевиќ над голот, а шансата за минимална предност во последните секунди од првиот дел не ја искористија ни ракометарките на Мец и резултатот на полувремето остана 10-10.

Несигурната и неефикасна игра на вардарки продолжи и на стартот на второто полувреме, а Мец преку Грејс Заади стигна до ново водство. Да не беше Амандин Лејно на голот, „црвено-црните“ ќе беа во многу потешка ситуација во првите пет минут од вториот дел. Во игра гол за гол, Андреа Лекиќ го имаше главниот збор во нападот и го држеше Вардар во игра во силниот притисок од домашниот состав. Две врзани интервенции на Лејно во критичните моменти донесоа дополнителна сигурност, но нападот на вардарки и понатаму тешко наоѓаше решение за одбраната на домаќинот и посебно за расположената црногорска голманка Марина Рајчиќ.

Серијата промашувања и еден нереализиран седмерец на Мец, им отворија шанса на ракометарките на Вардар да дојдат на два гола разлика на стартот од последната четвртина. Но, наместо да се одлепат, вардарки одново беа сопрени од Рајчиќ, а Заади со седмиот погодок донесе ново изедначување на 18-18.

Конечно, на десетина минути пред крај, „црвено-црните“ успаја да дојдат на два гола предност откако Полина Кузњецова беше  прецизна за 18-20, а тренерот на Мец, Емануел Мајонад беше принуден да реагира со тајм-аут. Мец постигна два гола во серија  и ја врати неизвесноста во завршницата на натпреварот, а Рајчиќ и понатаму беше кошмар за вардарки. Во последните пет минути од дуелот Мец влезе со два гола предност 22-20. Предноста им даде дополнителен елан на домашните ракометарки кои упте поагресивно влегоа во финишот решени да ја одбранат предноста и  да му земат бода на непоразениот Вардар.

Најефикасна во составот на Вардар беше Андреа Лекиќ со пет гола . Амандин Лејно го заврши мечот со 10 одбрани . Кај Мец, лидер во нападот беше Грејс Заади со осум гола , но дефинитивно јунак на натпреварот беше голманката Марина Рајчиќ со 19 одбрани.

Во следното, претпоследно коло од главната фаза во ЛШ, Вардар на 2 март во Скопје го пречекува Битигхајм.

Се вчитува...