Прв проблем за ПСЖ: Рамос мора на долга пауза

Во таборот на ПСЖ се прославува реализираниот мегатрансфер на Лео Меси, но паралелно со тоа лекарскиот тим го известил тренерот Маурицио Покетино во блиска иднина да не се надева на услугите на Серхио Рамос. Шпанскиот дефанзивец требаше да биде командант на одбраната на „светците“, но се повреди на еден од првите тренинзи во новиот клуб и оттогаш не настапи на ниту еден меч за ПСЖ.

Тој се мачи со незгодна повреда на мускулот уште од ланската сезона, кога беше принуден да пропушти бројни натпревари на Реал Мадрид. Врз Рамос беа извршени детални прегледи пред да потпише договор со ПСЖ, но старите проблеми повторно се појавија на самиот почеток од неговата авантура во Франција. По најновите прегледи не е утврдено кога точно ќе може да заигра фудбал, но лекарите стравуваат дека тоа не би се случило пред месец октомври.

ПСЖ викендов го игра првиот домашен меч од новата сезона против Стразбур, Рамос дефинитивно ќе го пропушти и овој натпревар, а интересно ќе биде да се види дали Покетино на списокот на играчи ќе го вклучи Лео Меси, по само неколку тренинзи со новиот тим.

Се вчитува...