ПРВА ЛИГА, 20 КОЛО: Работнички на патот на лидерот, чаирчани сакаат да ја одржат предноста

Најинтересниот дуел од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига ќе се игра денеска на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде што домашниот тим Работнички го пречекува Шкупи. Нема сомневање дека Шкупи е поквалитетен тим, дека има подобар состав од Работнички, кој се потпира на млади играчи, но „романтичарите“ може да застанат на патот на лидерот на табелата, и да го направат првенството уште понеизвесно после победата на Шкендија во Велес вчера.

Од таборот на Работнички се свесни дека ќе мора да дадат максимум за да извлечат поволен резултат од овој натпревар.

„Победивме на стартот против Пелистер, но сакаме да продолжиме со позитивни резултати во низа. Атмосферата во тимот е одлична и ќе се потрудиме да ја одржиме со добра игра и позитивен исход и против Шкупи. Тие се лидери и имаат квалитетен тим, но Работнички ќе се бори со сите сили за да го сопре Шкупи“, вели Арбин Зејнулаи.

Шкупи одлично го стартуваше пролетниот дел на сезоната, со победата над Академија Пандев од 2-1 со пресврт и тоа со играч помалку. Иако не блескаа, сепак, на крајот чаирчани дојдоа до вредни три бода, со кои ја одржаа предноста на првото место. Сега по победата на Шкендија вчера, ќе мора да атакуваат на победа во дуелот на Арената.

„Го респектрираме Работнички, меѓутоа сметам дека ако ги исполниме задачите на нашиот тренер, ќе избориме победа. Исто така жалам што натпреварот ќе се одигра без наша публика, и ќе ја немаме поддршката од нашите навивачи. Тие се нашиот 12-ти играч, и секогаш не мотивираат“, вели Блертон Шеји, играчот на Шкупи.

Еден од поинтересните дуели денеска ќе биде и мечот во Тетово, каде што Ренова игра против Македонија ЃП. И двата тима се во добра форма, и двата тима стартуваа со победи во првите натпревари од пролетниот дел. „Гипсарите“ покажаа дека може сезонава да ја победат секоја екипа, додека Македонија ЃП со Муарем Бајрами на кормилото е сосема друг тим, и е во одлична серија на резултати.

Исто така интересно ќе биде и во Струга, дуел на двете поразени екипи во првото пролетно коло. Струга Трим Лум ги остави бодовите во Тетово, додека Брегалница беше изненадена на домашен терен од Ренова. Ако сакаат да останат во игра за Европа, на двата тима денеска им е потребна победата.

Тиквеш во Кавадарци важи за фаворит во дуелот со фенерџијата Пелистер, и има големи шанси да дојде до бодови кои ќе бидат важни за опстанокот во првенството. Четата на Влатко Костов загуби минимално од Македонија ЃП во првото пролетно коло, а Пелистер дома беше поразен од Работнички дури во финишот од средбата.

Академија Пандев има шанса за поправен против Скопје. По поразот минатата недела на „Чаир“ иако беше и со играч повеќе, „Академците“ се фаворити во дуелот со тимот од Автокоманда. Тоа би биле големи бодови за Академија Пандев во битката за првите три места.

Се вчитува...