ПРВА ЛИГА, 20. КОЛО: Шкендија против традицијата во Велес, Борец шест меча нема победа дома

Денеска со натпреварот во Велес меѓу Борец и Шкендија, започнува 20-тото коло во Првата македонска фудбалска лига. Тетовскиот тим е огромен фаворит, со оглед дека е во добра серија, а згора на тоа Борец на шест натпревари по ред не знае за домашна победа во првенството (пет порази и едно „реми“). Единствено Македонија ЃП не успеа да ги освои бодовите на ова гостување.

Ниту Шкендија не може да се пофали со убедливи игри на гостувањата сезонава. Тетовските „црвено-црни“ на последните пет гостувања имаат две победи, две ремија и еден пораз.

Сепак, традицијата на натпреварите во Велес е на страната на Борец кој од четирите меча, има три победи и само еден пораз во прволигашките натпревари против Шкендија.

Тимот на Борец претрпе доста промени во зимскиот преоден рок и во играчкиот кадар, но и во стручниот штаб. Местото на Јане Николоски го зазеде неискусниот Благој Левков. Беа донесени неколку играчи, си заминаа неколкумина искусни фудбалери. Шкендија доведе неколку искусни имиња како Маркоски, Цаке, Маневски, Хасани… со кои ќе се обиде да стигне до првата позиција на табелата.

„Натпреварот со Борец нема да биде лесен. Фокусирани сме на овој меч и атакуваме на победа. Знаеме дека не чека тежок меч, но подготвени сме и мотивирани за три бода. По победата над Струга, атмосферата е позитивна и сите ќе го дадеме макисмумот. Се надевам дека ќе се повтори резултатот од првиот меч, кога ги победивме со 3-0“, изјави фудбалерот на Шкендија, Аденис Шала.

Се вчитува...