ПРВА ЛИГА, 23. КОЛО: Шкупи „романтично“ си го чисти патот кон титулата

Со денешниот натпревар на Чаир помеѓу лидерот Шкупи и тимот на Работнички, започнува третиот и последен круг од Првата македонска фудбалска лига. Моменталниот лидер на табелата има чист пат кон шампионската титула, а може дополнително да си го расчисти со триумф денеска против „романтичарите“.

А, токму Работнички му „помогна“ на тимот на Шкупи да ја зголеми разликата во среда, кога ја совлада Шкендија, а Шкупи освои бод од Тетово, и така сега се одлепи на 11 бодови од својот ривал, иако Академија Пандев има негатива од 10 бодови на второто место.

Шкупи на домашен терен сезонава не знае за пораз. Само Шкендија успеа да си замине со еден бод од овој терен, додека другите сите останаа со празни раце. Чаирскиот тим важи за фаворит и поради табелата, и пред се поради квалитетот кој го поседуваат. Тоа го очекува и Ардит Иљази, дефанзивецот на Шкупи кој ветува максимум и нова победа.

„Максимално сме подготвени за утрешниот натпревар со победа да го стартуваме третиот круг. Не очекува тежок натпревар, Работнички е во добра форма и ние го цениме. Среќен сум што вратите на стадионот повторно ќе бидат отворени за нашите навивачи и ќе дојдат да не бодрат, а ние ќе им вратиме со победа“, рече Иљази.

Добрата форма Работнички ја потврди со победата над Шкендија минатото коло. Интересно е тоа што избраниците на Борче Христов сезонава играат многу подобро на гости, отколку како домаќини. „Романтичарите“, сепак, загубија на „Чаир“ еднаш сезонава, и се надеваат дека овој пат ќе го поправат впечатокот.

„Задоволен сум од триумфот против Шкендија, прикажавме добра игра, и фудбалерите ги исполнија задачите. Таа победа е веќе зад нас и сега ни следува тешко гостување на Чаир. Тие се лидери и имаат квалитетен тим. Ги намачивме кога игравме на Арената. Тогаш загубивме 1-0, но можеше да биде понаку. Верувам дека утре ќе одиграме подобро и дека ќе оствариме подобар резултат“, вели тренерот на „романтичарите“, Борче Христов.

Се вчитува...