ПРВА ЛИГА, 25. КОЛО: Водечките со лесни задачи, Брегалница по одмазда против Ренова

Водечките три тима во Првата лига на Македонија имаат лесни задачи во денешните натпревари од 25. коло. Се очекуваат лесни победи на Шкендија, Шкупи и Академија Пандев во дуелите против екипите од долниот дел на табелата, а исто така и Македонија Ѓорче Петров која игра против последнопласираниот Пелистер.

Лидерот Шкупи на својот „Чаир“ го пречекува тимот на Тиквеш. И покрај тоа што на неколку пати кавадарчани се покажаа за незгоден противник, сепак, лидерот е фаворит од овој дуел, и нова победа ќе го доближи поблиску до шампионскиот трофеј.

„Имавме доста веме да се подготвиме за овој дуел, паузата максимално ја искористивме, и одигравме и пријателски меч. Знам дека нема да биде лесно против Тиквеш, но пред нашите навивачи на „Чаир“ се чувствуваме посилни, и се надевам дека ќе ја продолжиме серијата позитивни резултати“, рече Фреди Алварез, играчот на Шкупи.

Задачата на Шкендија е уште полесна, Тие на свој терен го пречекуваат тимот на Борец, состав кого го совладаа со 0-3 во Велес. Борец во пролетниот дел не знае за триумф, а на тешкото гостување во Тетово е тотален аутсајдер.

„Во последните два натпревари остваривме две победи, но важно е што на двата меча прикажавме убедлива игра. Против Борец игравме веќе во пролетниот дел, и победивме со 0-3. Најважно е што во клубот владее одлична атмосфера и се надевам дека ќе го постигнеме резултатот кој навивачите го очекуваат од нас“, рече Михаил Маневски.

Академија Пандев на свој терен го пречекува Скопје, тим кој го „декласираше“ со 5-0 пред неколку кола. Ако сака да остане во трка за титулата, „Академците“ немаат право на грешка, а пролетва играат одлично. Македонија ЃП исто така е голем фаворит против Пелистер, иако битолчани минатото коло ја остварија првата победа во сезоната, совладувајќи ја Брегалница.

Најинтересно се очекува да биде на теренот на ФФМ, каде Брегалница го пречекува тимот на Ренова. Се чини дека овој меч ќе биде најнеизвесен. Кај штипјани владее желбата за одмазда, по победата на Ренова во првото пролетно коло среде Штип со 1-2.

ПМФЛ – 25. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Скопје: ШКУПИ – ТИКВЕШ

Тетово: ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ

Струмица: АК. ПАНДЕВ – СКОПЈЕ

Скопје: БРЕГАЛНИЦА – РЕНОВА

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ПЕЛИСТЕР

ВЧЕРА:

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ 1:3

Се вчитува...