Прва Лига: Пелистер бара „реванш“, ТФТ ново изненадување

Нов ден, нов прволигашки дуел, овој пат во Битола од 18 часот каде Пелистер во заостанатиот натпревар од 14. коло ќе се обиде да му се реваншира на ТФТ за поразот во Скопје на првиот меѓусебен натпревар оваа сезона.

Битолчани воедно бараат и рехабилитација за поразот од МЗТ Скопје во претходното коло и поправање на формата пред разигрувањето за титула. „Зелено-белите“ по перфектниот старт на сезоната бележат пад, во последниот месец, на пет одиграни средби избраниците на Илиевски имаат три порази и две победи, и сеуште се чека воигрувањето на новото засилување Никола Силаџи.

Слично како и Пелистер, новалијата ТФТ покрај ново изненадување бара излез од низата на два порази едно по друго. Избраниците на Смилковски имаат изборено место во плејофот на првенството, но секоја победа значи и подобра позиција во походот кон титула. Добро за „црно-белите“ е олеснувањето на распоредот во следниот период со оглед на тоа што за составот од Тафталиџе заврши настапот во БИБЛ лигата па фокусот може да биде насочен само кон домашното тло.

Ќе биде интересно да го видиме односот на паркетот на оваа средба. Со Силаџи, Пелистер добива дополнителна предност во висина, нешто што беше користено и на натпреварот против МЗТ Скопје, со Малешевиќ на позицијата ‘три’, но овој дел може да го искористи ТФТ во играта во транзиција која впрочем и го краси младиот состав.

Клучно за победата на првиот натпревар оваа сезона беше придонесот на играчите во „црно-бело“ кои настапија од клупата, па ќе видиме како ќе одговори „резервната“ петорка на битолчани во одбрана на домашниот терен. Едно е јасно, ни претстои одличен натпревар, а на двата бода нека се радува подобриот.

 

Се вчитува...