Прва лига првпат без Вардар: Шкендија и Шкупи во „мртва трка“ за првак!

Македонскиот прволигашки фудбал повторно на сцена. Денеска од 17:30 часот со првото коло од сезоната 2021/22 стартува 30-от шампионат во независна Македонија. За првпат без најтрофејниот македонски клуб – Вардар!

Ако се суди согласно летните случувања јасно е дека не очекува далеку од сериозно квалитетно првенство, но повеќе од неизвесно ако се суди според очигледната израмнетост на екипите. Шкендија и Шкупи се водечките две екипи кои, се чини, ќе водат „мртва трка“ околу новиот првак. И двете со максимални амбиции за шампионската титула ќе го водат првенството во кое од позадина како максимално сериозна закана може да се заканат Академија Пандев, Струга ТЛ, Македонија ЃП, Работнички и Брегалница која создаде повеќе од респектабилен состав минувајќи и извонредни подготовки без ниту еден пораз на пријателските натпревари.

Интересно, низ досегашните 29 шампионати во независна Македонија само осум екипи успеале да дојдат до шампионскиот трофеј. Од нив, дури три ќе ги нема сезонава во Првата лига – Вардар, Победа и Силекс.

Последниве 11 сезони единствено Шкендија и Вардар успевале да ја освојат титулата, со исклучок на сезоната 2013/14 кога Работнички успеа да се замеше и да им го „украде“ трофејот на најтрофејните во последната декада.

Низ последните 11 сезони, Вардар успеал шест пати да дојде до титулата, а Шкендија се закити со четири трофеи.

Вардар и натаму долго ќе остане најтрофејниот македонски клуб со 11 шампионски трофеи, пред Работнички и Шкендија кои имаат по четири титули во независна Македонија. По три титули имаат Силекс и Слога Југомагнат, две има прилепска Победа и по една Ренова и Македонија ЃП.

ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17:30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – БОРЕЦ

Прилеп: ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ

Тетово: РЕНОВА – СКОПЈЕ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ПЕЛИСТЕР

Струмица: АК. ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ (20 ч.)

Се вчитува...