Прва радост за Пролет, трет триумф во низа за Пелистер

Ракометарите на Пролет во четвртиот обид конечно ја забележаа првата победа, триумфирајќи на градската пресметка со Вардар јуниор со убедливи 20-33. Младите „црвено-црни“ одолеваа само во првите петнаесетина минути, за при резултат 6-6 гостите од населбата Пролет да постигнат пет гола во низа, резултатски да се одлепат и до самиот крај само да ја зголемуваат својата предност. Андоновски со седум и Роловски и Манасков со по пет гола беа најефикасни кај победничкиот тим, кој неочекувано ја стартуваше сезоната со три порази во низа.

Пелистер по стартниот пораз успеа да врзе три победи во серија, откако битолчани го совладаа Борец со 33-29. Избраниците на Алушовски уште на дваесетина минути до крајот си ја обезбедија победата, имаа водство од 27-19, за потоа во завршницата да им дозволат на гостите од Велес да ја преполоват разликата. Орјоникидзе со девет и Митиќ со осум погодоци беа најзаслужни за победата на Пелистер.

Охрид го совлада Радовиш со 31-27, меч што беше решен во последните десетина минути, во кои домаќините направија серија од 5-1 и стигнаа до значајни бодови.

Се вчитува...