Стана веќе традиција клубовите во Првата македонска фудбалска лига да ги менуваат тренерите пред стартот на новата сезона. Продолжува и годинава. Од десет клуба во намалената Прва лига, дури седум клуба стартуваа со нови тренери.
Овој податок, во некоја рака, јасно говори колку се „заштитени“ тренерите без оглед на договорите што ги потпишуваат. Доволен е само пораз до два и отказот е тука. Што ќе речат клупските моќници: ‘му благодариме на досегашната работа, му посакуваме успех во натамошна работа во друг клуб’.
Единствени клубови кои новата сезона ја почнаа со старите тренери се Силекс со Александар Васовски кој цврсто ја држи својата позиција, Струга ТЛ со Бленди Шкемби кој веќе втора година е шеф на стручниот штаб на струшкиот прволигаш, како и Арсими кој официјално од од клупата продолжува да го води Вилдан Салиу, но тој нема ПРО-лиценца, па има резерва за таа улога – во новата сезона ќе биде Мите Митев кој си замина од Башкими.
Седлоски мораше да замине од Вардар
Прв клуб кој доби нов тренер е Вардар, откако Гоце Седлоски по долго време му ја донесе титулата шампион на Македонија. Седлоски мораше да замине бидејќи беше избран за селектор на репрезентацијата на Македонија. Го замени тренер од Аргентина, Кристијан Фабијани, не толку познат за нашите љубители на фудбалот, но со оглед дека Вардар под неговото раководство по само две кола во лигите на Европа беше елиминиран, не е сигурно дека и тој долго ќе издржи на клупата.

Најголемо изненадување е заминувањето на Влатко Костов од Брегалница кој ја внесе во Првата лига. Негова замена е Никола Кузманов, поранешен играч на штипскиот клуб. Што се случи за да дојде до смена, засега нема сигурни информации. Неочекувано и Борче Христов замина од Тиквеш. На клупата седна Оливер Богатинов од Словенија, кој има македонско потекло и кој на стартот на новото првенство имаше успешно деби со победата против Арсими со 5-1.
Шкендија од Тетово по оние блескави резултати во европските купови се раздели од Јетон Беќири, сега нов тренер е Артим Положани.
Кога Баже Јанакиевски поднесе оставка и си замина од Башкими, клубот го ангажира Гајур Реџепи за нов тренер.
Нов тренер на Скопје, кој се врати во Првата лига е Муарем Муарем.
И на крајот Шкендија од Арачиново. Нов тренер е Берат Имери бидејќи Љупчо Марковски – Калц, кој има најголеми заслуги што клубот стана прволигаш, неколку кола пред крајот поднесе оставка.
Како почна првенството, наскоро можеме да очекуваме нови смени, се додека судиската организација не се стабилизира и почне енергично да ги решава проблемите.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
