Прволигашката кошарка се враќа на паркетот – ослабениот Работнички е аутсајдер против Феникс

Зимскиот одмор заврши па прволигашите денеска се враќаат на паркетот за натпреварите од 13. коло. Од нив три ќе бидат одиграни денеска, два утре, а колото ќе биде комплетирано со одложениот натпреварот помеѓу Еуро Никел и ТФТ.

Првиот натпревар денеска започнува од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје 2 ќе се обиде да влезе во победничка низа на натпреварот против Ангели. За разлика од „штркчињата“, тимот од Кисела Вода сеуште ја бара историската победа во Првата лига, а дали може да дојде до неа останува да видиме.

Час подоцна, од 18:00 во Куманово избраниците на Владимир Мирковски го пречекуваат Гостивар. Натпреварите на „сино-белите“ никогаш не разочаруваат па се надеваме дека ќе биде така и денеска. Двата тим на овој натпревар влегуваат на крилја на победите во претходното коло, а нови два бода ќе бидат импратив за двата состави.

Богатиот прволигашки ден ќе биде комплетиран во Аеродром каде Феникс 2010 ќе се обиде да му се реваншира на Работнички за поразот по продолженија на првиот меѓусебен натпревар во првенството. Новалијата за овој натпревар ќе може да смета и на услугите на новото засилување, Бојан Трајковски, а нашиот најтрофеен клуб ќе настапи без странците и првиот тренер Тони Симиќ.

Богатата програма продолжува утре од 17:30 со натпреварот помеѓу Кожув и МЗТ Скопје во Гевгелија. Ќе биде интересно да го проследиме овој натпревар на кој аеродромци ќе настапат без Дастин Вер кој си замина од тимот, а „црвено-белите“ со сосема променет тим во однос на првиот дел од сезоната.

Од 18 часот и 30 минути во Битола ќе биде одигран натпреварот на колото во кој Пелистер ќе го пречека Академија ФМП. Лидерот на табелата кој беше перфектен по 12 одиграни натпревари во мечот против третиот тим на табелата ќе настапи без Ѓуроски и заминатиот Бојан Трајковски, како засилување пристигна Пајиќ од Кожув, па ќе биде интересно да видиме каква ќе биде ротацијата на играчите.

Колото ќе биде комплетирано на 03.02 со натпреварот помеѓу Еуро Никел и ТФТ кој е одложен поради позитивни случаи на Ковид-19 во редовите на кавадарчани.

Се вчитува...