Првото место остана само сон: Грузија ја казни и ја победи Македонија и во Тбилиси (ВИДЕО)

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија
Горан Бошев

Македонската фудбалска репрезентација е поразена и во вториот натпревар против Грузија во Лигата на Нации. Вечерва во Тбилиси домашните фудбалери ги казнија промашувањата и неискористените шанси на Македонија, и големиот број на грешки, за да остварат победа со која го осигураа првото место во групата. Првото место беше тешко достижно и пред овој меч, но сега веќе е познато дека на едно коло пред крајот нема никакви шанси да бидеме првопласирани. Таму ќе биде Грузија, која вечерва не заслужи ама со ништо да победи, но го направи тоа.

Одличните шанси на стартот од првиот, и од вториот дел не беа реализирани. Па, што ли само требаше да се случи да се тресе мрежата на Грузија. Не казнија во првиот дел преку автоголот на Миовски, иако требаше Македонија да води, а потоа на стартот од вториот дел наместо да дојдеме до „егал“ и потоа по победата, една голема грешка придонесе Македонија да прими и втор гол и така да заврши предвреме надежта дека можеме да дојдеме до било каква победа, а не до онаа потребната од четири разлика. Треба да се напомене фактот дека отсуствата на неколкуте играчи исто така придонесоа за овој резултат, иако и овие играчи покажаа дека може да се надигруваат и со една Грузија која ќе има шанси преку бараж да оди на ЕП.

Уште во 3. минута Спировски се најде во шеснасетникот, беше нагазен од противнички играч, но според судијата немаше пенал. Главниот арбитар одмавна со раката и во 8. минута кога ударот на Алиоски беше блокиран, македонските фудбалери бараа рака. Во 10. минута првиот удар кон голот на Грузија, Спировски млако шутира, па Мамардашвили одбрани.

Во 21. минута закана од Спировски, силен удар, но грузискиот голман брани во корнер. Следуваат минути за Македонија, 23. минута шут на Барди од прекин, но повтормо Мамардашвили брани. На неколку пати Македонија создаде проблеми за Грузија, па мораше домашните со агресивен пристап да ја одземат топката на Елмас. Момците на Милевски изведоа и неколку корнери, во статистиката доминираа, а потоа се случи пресврт.

Доминацијата на Македонија до 35. минута и неефикасноста, беше казнета од страна на Грузија. Една грешка по левата страна скапо ја чинеше Македонија. Најпрво удар на Абдурџанија кој го брани Димитриевски од под пречка. Од изведниот корнер Кварцхелија по левата страна со дриблинг, ја упати топката во петерецот каде Миовски си постигна автогол во 35. минута на радост на 55.000 публика во Тбилиси.

После примениот гол Македонија остана неприметна, а Грузија како да доби „крила“, па домашните играчи нападнаа по втор гол, но на крајот имавме и среќа во финишот на полувремето да не примиме уште некој гол.

И веднаш на стартот на второто полувреме огромна шанса за Македонија. Миовски одлично го проигрува Елмас кој се најде во супер шанса, ама неговиот шут оди само во надворешниот дел од мрежата. Одличен почеток на македонската репрезентација во вториот дел. Македонија повторно игра, и во 49. минута обид на Елмас со глава по центаршут на Алиоски, но млако и само во домашниот голман.

Нова шанса, овој пат закана преку Миовски. Велковски одлично го проигра напаѓачот, кој се најде сам, но Мамардашвили му влезе во шут и му одбрани. Во истата минута по изведен корнер Алиоски шутира, топката профуче крај голот на „здрвениот“ Мамардашвили. Минута подоцна удар и на Барди кој оди над голот.

Прва шанса и за Грузија во вториот дел. Кој друг ако не Кварацхелија кој шутира само крај голот на Димитриевски. Мечот целосно се отвори, па во првите десетина минути од второто полувреме видовме одличен фудбал.

И повторно кога Македонија требаше да даде гол, Грузија казни. Огромна грешка на Дарко Велковски и одземена топка од страна на Цитиашвили, кој излезе сам пред голот, и додаде до Кварацхелија кој стрелаше во мрежата на Димитриевски за удвојување на водството на домашните, на голема радост на домашната публика.

Кога веќе Грузија постигна втор гол, грешките на Македонија се редеа, па повторно му овозможи шанса на Цитиашвили кој шутираше само крај голот. Овој огромен пад во играта на нашата селекција го натера и селекторот Благоја Милевски да мениува, па така влегоа во игра Тодороски, Атанасов, Трајковски и Серафимов, кои требаше да бидат освежување на нашата селекција и да тргнеме по гол кој ќе ја вратеше надежта за добар резултат од Тбилиси.

Мирен период во мечот во кој Грузија ја чекаше својата шанса од противнапади, додека Македонија веќе како да губеше сила и надеж за добар резултат. Во една таква ситуација вреди да се обележи ударот на Барди од прекин во 79. минута, кога повторно Мамардашвили успеа да одбрани во корнер и да не дозволи Македонија да се врати во мечот. Така Грузија успеа да се одбрани, на крајот да заврши и со „листа мрежа“ благодарение на голманот Мамардашвили, и да слави со 55.000 публика обезбедено прво место во групата.

ЛИГА НА НАЦИИ, ГРУПА Ц4

ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА 2:0 (Миовски (аг) 35′, Кварацхелија 64′)

Standings provided by SofaScore

Се вчитува...