ПСЖ бара богатство за Мбапе: Сума што никој нема да ја плати, но ризикот е огромен

Одличното издание на „Камп Ноу“ и постигнатиот хет-трик против Барселона ја вратија темата „Килијан Мбапе“ како најактуелна кога станува збор за супертрансферите во најава за претстојниот преоден рок. Ситуацијата е добро позната, одличниот голгетер има само уште една и пол година до крајот на актуелниот договор, засега е далеку од потпишување на нов, поради што се погласно се шпекулира дека летово би можел да си замине од „Паркот на Принцовите“.

Впрочем, и самиот Мбапе веднаш по дуелот со Барселона јасно стави до знаење дека преговорите за нов договор не се ниту блиску до завршна фаза.

Би било несериозно сега по еден добар меч да кажам дека ќе потпишам нов договор. Јас отсекогаш сум верувал во себе и знам дека можам да играм на вакво ниво. Потписот на нов договор е поврзан со долгорочноста на проектот во кој јас се гледам во иднина. Засега нема ништо ново на таа тема“, истакна Мбапе.

Весникот „Паризиен“ повикувајќи се на извори од управата на ПСЖ тврди дека францускиот првак нема лесно да се откаже од суперталентираниот голгетер и ќе побара огромни 200 милиони евра за Мбапе, за кого најсериозен интерес засега прикажуваат Реал Мадрид и Ливерпул. Сумата можеби до пред една година ќе беше сосема реална, но во период на коронавирус ниту „кралевите“ ниту пак „црвените“ од „Енфилд“ не се подготвени да издвојат такво богатство за ново засилување, дури ни доколку станува збор за Мбапе како најдобар млад голгетер во светот на фудбалот.

Со тоа доаѓа и ризикот за ПСЖ, доколку не се најде купец за Мбапе, а во меѓувреме не биде потпишан и нов договор, голгетерот би влегол во последната година од договорот и на крајот од наредната сезона би можел да си замине без никаква отштета од Париз. Со тоа францускиот првак би останал без огромен планиран приход, па останува да се види како ќе се одвива ситуација, особено ако се знае дека Мбапе самиот не притиска за трансфер, туку и нему како најмногу да му одговора да го одработи договорот со ПСЖ и потоа како слободен играч да добие енормна плата од новиот клуб.

Се вчитува...