ПСЖ „билдал“ спонзорства – каква казна ќе изрече УЕФА?

Пари сен Жермен дефинитивно ќе биде казнет за прекршување на правилата за финансиски ферплеј, откако истрагата на УЕФА утврдила лажирање на податоци околу добиените спонзорства на сметка на францускиот клуб.

Согласно правилата клубовите можат да трошат пари на трансфери и плати на играчи онолку колку што генерираат од својата работа, а ПСЖ го привлече вниманието откако потроши 400 милиони евра на Нејмар и на Мбапе, без притоа да продаде ниту еден поскап првотимец. Останатите европски гигант го кренаа гласот, УЕФА покрена истрага, а според последните информации таа покажала дека „светците“ лажирале податоци околу висината на спонзорските договори само за да го покријат минусот.

Сега на потег се Александар Чеферин и УЕФА, да решат каква казна ќе изрече европската куќа на фудбалот, дали финансиска, забрана за трансфери или можеби и забрана за учество во европските купови во наредната сезона.

„Нема сомнеж дека станува збор за финансиски допинг. Сега е на УЕФА, да се покаже дали се доволно храбри за да ги спроведат сопствените правила. Ако не го казнат ПСЖ како што заслужува, тогаш зошто воопшто постојат овие правила“ – изјави извор близок до истрагата против францускиот клуб.

Тимот од Париз во 2014 година веќе го прекрши финансискиот ферплеј и беше казнет со 60 милиони евра, па сега за втор ваков престап УЕФА би требало да  избере и поригорозна казна.

Се вчитува...