Нејмар се враќа „дома“?

Челниците на ПСЖ предводени од Ал Келаифи и од новиот директор Кампос се цврсто решени летово да се ослободат од Нејмар, како носител на „негативна енергија“ во таборот на францускиот шампион. Сепак, проблем претставува огромната плата од 30 милиони евра „нето годишно“, што го прави овој фудбалер недостапен за речиси сите европски клубови кои барем за момент би размислиле да го доведат Нејмар во своите редови.

Јувентус искажа првичен интерес, но кога Ањели и соработниците ја направија деталната математика и се потсетија на загубените пари од мегатрансферот на Роналдо, најтрофејниот италијански клуб експресно се повлече од ваквата идеја.

Според последните информации, ПСЖ има план да го врати Нејмар „дома“ – назад во Барселона. Каталонците би требало да ги надминат финансиските проблеми со новиот договор за долгорочна продажба на ТВ-правата, но Лапорта без размислување ја одбил првата понуда – Нејмар да биде откупен од ПСЖ за 50 милиони евра, идеја што ја презентирале челниците на францускиот првак, но биле експресно одбиени.

Во Барса се решени, немаат намера да го откупат Нејмар, а заинтересирани се само за позајмица, и тоа доколку ПСЖ покрива дел од огромната плата. Во ПСЖ сериозно ја разгледуваат и оваа опција, но се очекува преговорите да продолжат во наредните петнаесетина дена, кога би можел да биде постигнат и целосен договор.

Се вчитува...