ПСЖ преку Нант до четвртфинале во ЛШ

ПСЖ не дозволи изненадување во францускоското осминафинале против Нант и со убедлив триумф од 35-27 во вториот меч на домашен терен  обезбеди  место во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Во Топ 8, францускиот шампион им се приклучува на директните четвртфиналисти  Вардар и Барселона и на Кил кој во осминафиналето беше поуспешен од Рајн Некар Левен. Во четвртфиналето од ЛШ, ПСЖ ќе игра со победникот од дуелот меѓу Пик Сегед и Силкеборг.

Нант се избори за реми во првиот осминафинален меч на домашен терен(26-26) и се обиде достојно да му парира на ПСЖ и во денешниот реванш во Париз. Во првите дваесетина минути, гостите на два пати имаа по два гола предност (6-8, 9-11). Но, ПСЖ не дозволи изненадување, Карабатиќ диригираше со нападот на парискиот тим, а Недим Ремили немилосрдно ја полнеше мрежата на Нант. ПСЖ направи серија од 5-0 и комплетен пресврт поведувајќи со 14-11. На полувремето ПСЖ замина со предност од 15-13.

На стартот од  вториот дел, Нант намали на гол разлика (15-16), но Ремили  и Генсхајмер го одржуваа домаќинот во сигурна предност. Во последната четвртина од натпреварот, ПСЖ влезе со предност од 24-20. Во последните десет минути од дуелот во Париз, ПСЖ комплетно го скрши отпорот на Нант и ја обезбеди победата која го носи во европското четвртфинале.

Во триумфот на ПСЖНедим Ремили постигна 9 гола,  Уве Генсхајмер додаде шест, а со по четири гола завршија Микел Хансен и Никола и Лука Карабатиќ. Во составот на Нант најефикасен беше Давид Балагуер со девет, Оливер Ниокас постигна шест, а  Едуардо Гурбиндо со пет гола.

Во второто денешно осминафинале, Веспрем на домашен терен игра против ППД Загреб, а утре се дуелите Кјелце-Монпелје, Пик Сегед – Силкеборг и Фленсбург-Мешков Брест.

Се вчитува...