Вардар одигра одличен натпревар и вистинска штета е што не успеа да слави на дуелот против ПСЖ, во рамките од силниот турнир што се игра во Стразбур. Репризата од финалето во ЛШ од пред две сезони овојпат заврши со нерешени 33-33, а „црвено-црните“ се тие кои имаат за што да жалат бидејќи во неколку наврати имаа и по седум гола предност, во првото полувреме за 30 минути постигнаа фантастични 20 гола, но и тоа не беше доволно да се натераат „светците“ на капитулација.
Уште од самиот почеток стана јасно дека „вардарци“ нема да имаат подредена улога во овој меч во кој важеа за аутсајдери. Парондо изненади со одлична одбрана, во ритам влезе и голманот Милосављев, што придонесе од минута во минута предноста да се зголемува. Вардар имаше убедливи 6-13, ПСЖ предводен од Карабатиќ врз три гола во серија и намали на 9-13, но македонскиот првак набрзо се врати во ритам, повторно воспостави контрола и на одмор замина со 14-20. Дамка на извонредното прво полувреме остави повредата на Стојанче Стоилов, кој настрада при еден дуел со Лука Карабатиќ, па останува да се види кога капитенот на „вардарци“ ќе може да се врати на терените.
Со влегувањето на Коралес на голот ПСЖ за момент ги запре налетите на „вардарци“, преку Генсхајмер и Ремили се приближи на 22-25, но повторно следеше период на консолидација на избраниците на Парондо. На десет минути до крајот резултатот гласеше 26-29 за Вардар, Парондо побара тајмаут, но ПСЖ одговори со два брзи гола на браќата Карабатиќ и набрзина разликата изнесуваше само еден погодок (28-29). Македонскиот тим водеше со 29-31, но потоа следеше исклучување по кое „светците“ се вратија и стигнаа до првото израмнување на натпеварот (31-31), со погодокот што го постигна Ремили. На помалку од две минути до крајот Вардар доби пенал, но Омејер не дозволи ново водство на македонскиот клуб, Карабатиќ погоди за 33-32, но „вардарци“ дојдоа до заслужено реми со гол на дваесетина секунди до крајот, за конечни 33-33.
„Црвено-црните“ утре во рамките од второто коло од групата ќе се сретнат со Брест Мешков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА