ПСЖ се жали до УЕФА: Ајтекин не ‘украде’ седум пати на „Камп Ноу“

Францускиот првак Пари Сен Жермен испрати официјална жалба до УЕФА за судењето на Дениз Ајтекин на мечот против Барселона што го загубија со 6-1 и беа елиминирани од Лигата на шампионите. Французите испратиле жалба документирана на десет страници, а се жалат на дури седум погрешни одлуки на германскиот судија во клучни ситуации. Испратено е и мнение од судиски експерти за истите ситуации од натпреварот.

ПСЖ смета дека е „украден“ од Ајтекин за следните ситуации:

1. Играње со рака на Маскерано во домашниот шеснаесетник. Ајтекин тоа не го гледа, а е оддалечен само 18 метри.

2. Втор жолт картон за Пике, кој не му е доделен, при опасен старт над Кавани, кога Барселона имаше водство од 2-0.

3. Ајтекин досуди пенал за Барселона при падот на Нејмар, но Муние претходно самиот се сопна, а Бразилецот тоа го искористи за да падне над него и да „одработи“ удар од белата точка. На судиите (учествуваше и судијата зад голот) им беа потребни дури 17 секунди за да досудат пенал.

4. Судијата не му даде црвен картон на Нејмар за агресивно однесување и удирање на противнички играч без топка при резултат 3-1 за Барселона.

5. Пике играше со рака во 78.минута, по нафрлувањето на Анхел Ди Марија.

6. Недосуден пенал и црвен картон за Маскерано по прекршокот над Ди Марија. И самиот Маскерано призна дека направил фаул.

7. Луис Суарез во 90.минута одглуми пенал, по кој Барселона поведе со 5-1. Тој требало да добие жолт картон за симулирање во оваа ситуација.

Се вчитува...